Акција (Share)

е сопственичка хартија од вредност која гласи на дел од основната главнина на АД. Таа е пренослива хартија од вредност.

Берза на хартии од вредност (Stock Exchange)

е организиран и регулиран секундарен пазар на хартии од вредност со строго утврдени правила за тргување и критериуми за хартиите од вредност со кои се тргува, како и за учесниците во тргувањето.

Вкрстено тргување (Cross trading)

е симултано, истовремено поднесување на два спротивни налози за тргување (за продавање и купување) од страна на ист брокер.

Достасување (Maturity)

обично се користи за определување на рокот за исплата на обврзницата (главнината и каматата).

Инвестиционен фонд (Investment Fund)

е друштво чија работа се состои од продавање, купување и чување на хартии од вредност.

Инсајдерство (Insider trading)

е купување или продавање на акции врз основа на сеуште необјавена информација од издавачот на акцијата, која информација може да влијае на цената на акцијата.

Капитализација (Capitalization)

е вкупната пазарна вредност на издадените акции на едно друштво.

Запишување (Subscription)

е купување на новоиздадени акции.

Котација (Listing)

е кога една хартија од вредност е котирана на Официјалниот Пазар на берзата.

Номинална вредност (Face Value)

е вредноста по која се издава хартијата од вредност. Номиналната вредност има карактер на историска категорија.

Основен капитал

е капитал на друштвото во форма на издадени акции, заедно со резервите и задржаната добивка.

Пензиски фондови (Pension funds)

се фондови кои државата, претпријатието или синдикатот ги инвестира за да обезбеди пензија за вработените. Важен извор на финансии на пазарот на капитал и инвестиции. Пензиските фондови можат во голема мера да влијаат на берзите, како и на целокупната стопанска активност на земјата.

Примарен пазар (Primary market)

е пазар за пласирање на новите хартии од вредност, како што се домашни и странски акции и обврзници, на инвеститорите од страна на организирана група субјекти која ја раководи емисијата. Приходите од продажбата на хартиите одат кај издавачот. Сите понатамошни купо-продажби на истите хартии од вредност се спроведуваат на секундарниот пазар.

Превземање (Takeover)

е стекнување на контролен пакет на акции во едно друштво по пат на откуп на неговите акции.

Хартија од вредност (Security)

според македонското законодаство под хартија од вредност се подразбираат акции во трговските друштва, обврзници, инструменти на пазарот на пари, акции и удели во инвестиционите фондови кои работат според Законот за инвестициони фондови, дериватни финансиски инструменти, потврда за странска хартија од вредност и други финансиски инструменти кои според Комисијата се сметаат за хартии од вредност.

Цена на емитирање (Issue price)

е цена по која хартиите од вредност се продаваат при емисијата. Ова може да биде по номиналната вредност, со дисконт или премија.

Цена на понуда (Asked price)

цена по која хартија од вредност се нуди за продажба. Учесниците на пазарот нудат куповни и продажни цени.

Акционерско друштво (Join Stock Company)

е друштво чиј основачки капитал е поделен на акции кои ги запишуваат и уплаќаат одделени акционери.

Брокер

е посредник во тргувањето со хартии од вредност, кој настапува во свое име а за сметка на клиентите. Тој за својата услуга наплатува провизија, а освен посредништво може да дава и совети за инвестирањето во хартии од вредност.

Данок на капитална добивка (Capital gain tax)

е данок што го плаќаат физички и правни лица на добивката со продажба на хартии од вредност.

Добивка на дивиденда

е однос помеѓу исплатена бруто дивиденда по акција и просечната цена на акцијата. Овој коефициент покажува колкав е повратот на средствата (во %) врз основа на дивиденда.

Запишување (Subscription)

е купување на новоиздадени акции.

Институционални инвеститори (Institucional Investors)

се институции како пензиски фондови, инвестициони фондови и осигурителни компании.

Комисија за хартии од вредност (Securities Commission)

е главен регулатор на пазарот на хартии од вредност. Комисијата ја регулира работата со прометот на хартии од вредност, ги донесува условите за формирање и работа и правилата на берзата, учесниците на берзата (брокерски куќи и банки), Централниот депозитар за хартии од вредност, инвестиционите фондови.

Котирано друштво (Listed company)

е друштво котирано на Официјалниот Пазар на берза ; неговите акции се котирани на берзите и со нив јавноста може слободно да тргува. Тоа мора да ги почитува правилата на Берзата за котација.

Куповна и продажна цена (Bid and ask price)

е највисоката цена што еден дилер е подготвен да ја плати за некоја хартија од вредност во одреден момент, односно најниската продажна цена што би ја прифатил во истиот момент.

Обврзница (Bond)

е хартија од вредност со која издавачот се обрзува дека на имателот на обврзницата, односно на лицето означено на обврзницата еднократно или на рати, односно ануитете, ќе му го исплати на одредениот ден износот на номиналната вредност и каматата. Исплатите на каматата можат да варираат за време на животниот век на обврзницата. Како издавачи се јавуваат државата, општините и друштвата. Обврзниците со достасување помало од 1 година се нарекуваат краткорочни, а над 1 година долгорочни.

Пазарна капитализација (Market capitalization)

(a) Вкупната вредност на хартиите од вредност на едно претпријатие по тековни цени, односно вкупниот број на издадени акции помножен со пазарната цена на истите. (b) Вкупната вредност на сите хартии од вредност котирани на една берза или вкупната вредност на одреден вид на хартии од вредност по тековни цени

Обични акции (Ordinary shares)

е најчестиот вид на акции. Имателите на обични акции се заеднички сопственици на друштвото.

Принос (Yield)

е враќање на вложените средства во една инвестиција, земајќи го во предвид годишниот приход и неговата сегашна капитална вредност, кое е искажано на проценти, обично годишно ниво. Постојат неколку различни видови на принос а и различни методи за пресметување на секој од нив.

Учесник на пазарот (Market prticipant)

е институција или поединец кои продаваат на пазарот од име на клиенти а за своја сметка.

Цена на понуда ( Asked price)

цена по која хартија од вредност се нуди за продажба. Учесниците на пазарот нудат куповни и продажни цени.

Централен депозитар за хартии од вредност (Central Securities Depositary)

е организација преку која се врши утврдување на обврските врз основа на трансакции со хартии од вредност и водење на регистар на хартии од вредност во РМ (акционерска книга)